Израелскиот министер и член на воениот кабинет Јоав Галант денеска изјави дека палестинската милитантна група Хамас разбира само сила, додавајќи дека израелските сили ќе продолжат со нападите врз Појасот Газа додека не ги постигнат своите цели.
– Ги гледав нападите и го видов нивниот интензитет од пилотската кабина на борбениот хеликоптер на воздухопловните сили над Појасот Газа. Како што говорев од првиот ден, сега повторувам, Хамас разбира само сила, рече Галант во видео обраќање.
Тој додаде дека израелската армија постигнала „импресивни“ резултати откако денеска продолжи бомбардирањето на Газа.
– Ќе продолжиме да го напаѓаме Хамас додека не ги постигнеме нашите цели: уништување на Хамас, неговите воени способности и враќање на заложниците. Ќе ја продолжиме оваа мисија до нејзиното успешно завршување и победа над Хамас, рече Галант.
Израелската армија утринава соопшти дека ги продолжила борбените операции против Хамас во Појасот Газа и оти нејзините авиони изведуваат серија воздушни напади врз цели на милитантната група. Исто така, тврди дека Хамас ги прекршил условите на привременото примирје и дека истрелал ракета кон израелска територија непосредно пред истекот на примирјето во шест часот по локално време. (МИА)