Француските власти го забранија одржувањето на годишниот собир на муслиманите во Париз, предвиден да се одржува од денеска до 6 април. Причина за забраната е зголемен безбедносен ризик и можни нарушувања на јавниот ред, соопшти шефот на париската полиција Патрис Фор.
Одлуката, пишува париски „Ле Фигаро“Le Figaro, е донесена на барање на министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез, во услови на засилени национални и меѓународни тензии и висок степен терористичка закана.
Четириесеттиот собир на муслиманите на Франција, требаше да се одржи во изложбениот центар „Париз Ле Бурже“ и да собере десетици илјади посетители, со цел поттикнување дијалог и општествена кохезија.
Организаторот најави дека ќе ја оспори одлуката за забраната по правен пат, потврди неговиот претставник Маклуф Мамеш.
Француските власти изминатите денови ги засилија безбедносните мерки низ Париз, по осуетената закана за бомбашки напад врз канцелариите на „Банката на Америка“, како и поради пошироките геополитички тензии поврзани со американско-израелскиот конфликт со Иран.
Полицијата наведе дека одлуката е донесена и поради ангажираноста на голем број безбедносни сили на улиците, што дополнително ги ограничува капацитетите за обезбедување вакви масовни настани.