Француското Народно собрание денеска ги отфрли двата предлога за недоверба на француската Влада, при што предлогот на крајно левичарската Непобедлива Франција (LFI) не беше прифатен со 269 гласа, додека предлогот на десничарската партија Национален собир (RN) доби само 142 гласа.
За изгласување на предлогот на крајно левичарската опозициска партија LFI во Националното собрание беа потребни 288 пратенички гласа, јави телевизијата BFM.
Членовите на Националното собрание потоа го отфрлија и предлогот за недоверба на владата на Лекорни, поднесен од десничарската партија RN, за која гласаа само 142 членови.
Францускиот премиер Себастијан Лекорни оцени дека текстот на законот за буџет усвоен од француската Влада е резултат на компромис.
„Постигнати се компромиси, решени се несогласувањата“, рече Лекорни откако во вторник се повика на член 49.3 од Уставот, што ѝ дозволува на владата да донесе закон без гласање.
Тој рече дека кога не може да се постигне заклучок за време на дебатата, некој мора да ја преземе одговорноста.
Лекорни рече дека повикувањето на член 49.3 не се случило за да ги поткопа француските институции, туку за да ги заштити.
Францускиот премиер нагласи дека овој член ќе се користи како последно средство кога не може да се постигне договор.
Лекорни искористи посебно уставно овластување за да наметне дел од предлог-законот за буџетот за 2026 година без гласање во францускиот Парламент.
Француските медиуми пренесуваат дека тој се повика на членот од Уставот што се однесува на буџетот, со што по тримесечни дискусии законот за буџетски приходи беше усвоен без гласање во Долниот дом на парламентот.
Медиумите претходно објавија дека Лекорни и неговата влада се чини дека добиле доволно политичка поддршка, особено од социјалистите, за да го преживеат гласањето за недоверба, што беше потврдено денеска.