Франција денеска започна кампања за нова 10-месечна доброволна национална воена служба, при што првите учесници ќе започнат обука во септември оваа година.
Програмата, која во ноември ја претстави претседателот Емануел Макрон, е отворена за сите млади француски граѓани, пишуваат британските медиуми.
Службата е наменета за луѓе на возраст меѓу 18 и 25 години кои сакаат да „учествуваат во способноста на нацијата да се спротивстави во несигурна средина“, изјави началникот на Генералштабот на вооружените сили, генерал Фабиен Мандон, на прес-конференција.
Овој потег е дел од поширокиот тренд во Европа, каде што земјите ги преиспитуваат своите одбранбени стратегии поради загриженоста за промена на приоритетите на САД под претседателот Доналд Трамп и она што се смета за агресивен став на Русија.
Од септември 3.000 млади луѓе ќе се приклучат на армијата, морнарицата или воздухопловните сили за да извршуваат мисии на француска почва. Планирано е овој број да се зголеми на 4.000 во 2027 година и на 10.000 годишно до 2030 година.
Учесниците ќе бидат платени околу 800 евра месечно, а нивните задачи ќе опфаќаат широк спектар на активности, од помош при природни катастрофи и надзор против тероризам до оператори на беспилотни летала, пекари, механичари, електричари и медицински персонал.
По завршувањето на програмата, учесниците ќе можат да се интегрираат во цивилниот живот, да станат резервисти или да останат во вооружените сили.
Министерката за одбрана Катрин Вотрин истакна дека ова го одразува „долгорочниот развој на армијата кон хибриден модел“. Се очекува програмата да чини 150 милиони евра во 2026 година, а вкупните трошоци во периодот од 2026 до 2030 година се проценуваат на 2,3 милијарди евра. (МИА)