Свет Денот на падот на Бастиља

Франција го одбележа националниот празник со воена парада на Шанзелизе

Со голема воена парада на авенијата Шанзелизе во Париз, Франција денеска го одбележа националниот празник – Денот на падот на Бастиља. На парадата учествуваа околу 7.000 припадници на вооружените сили – и мажи и жени, како и 102 летала (авиони и хеликоптери), 200 коњи и бројна воена механизација, соопшти француското Министерство за вооружени сили.

Дел од војниците маршираа во борбена опрема, наместо во свечени униформи.

Парадата беше организирана околу три централни теми: 100 години од симболот Bleuet de France (Францускиот синец), национално единство и иновации во одбраната.

Програмата започна во 9:55 часот по локално време со пристигнувањето на претседателот Емануел Макрон, кој изврши преглед на трупите, по што следеа воздушна, пешадиска, моторизирана и коњичка парада. Настанот заврши околу пладне.

Меѓу највпечатливите моменти на парадата беше појавувањето на бел овен по име Месауд, талисман на Првиот полк стрелци. Според француската телевизија TF1, ова е првпат од 1964 година наваму овој полк да ја изведе својата маскота на Шанзелизе.

Припадник на полкот изјави дека Месауд, кого го опишува како симбол на сила, плодност и истрајност, е присутен во полкот уште од неговото формирање во 1841 година. Секој војник, пред да тргне во борба, го гали овенот за среќа, објасни тој.

Присуството на животното не е само фолклорен момент, туку и знак на припадност и почит кон историјата на француската војска.

Паралелно, во комплексот „Лес Инвалидес“ во Париз се одржува јавна иницијатива со изложби на копнени возила и средби со воен персонал, информираат француските власти.

Оваа година се одбележуваат и 230 години од прогласувањето на „Марсељезата“ за национална химна на Франција. Песната, чија музика и текст се дело на воениот инженер и композитор Клод-Жозеф Роже де Лил, првпат била испеана во Париз на 30 јули 1792 година од страна на револуционерниот баталјон од Марсеј, по кој го добила и името.

„Марсељезата“ официјално станала химна на 14 јули 1795 година, а како државен симбол е повторно утврдена со закон во 1879 година.

To top