Свет Бејрут

Фон дер Лајен најави една милијарда евра помош од ЕУ за Либан

Тоа ќе придонесе за зајакнување на социо-економската отпорност на земјата и нејзината севкупна безбедност и стабилност, истакна Фон дер Лајен.

Фон дер Лајен најави една милијарда евра помош од ЕУ за Либан

Либан и неговиот народ можат да сметаат на постојаната поддршка на ЕУ и со задоволство можам да објавувам пакет од една милијарда евра помош за земјата за периодот од 2024 до 2027 година, најави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во придружба на кипарскиот претседател Никос Христодулидес престојува во Бејрут.

– Тоа ќе придонесе за зајакнување на социо-економската отпорност на земјата и нејзината севкупна безбедност и стабилност, истакна Фон дер Лајен.

Таа потенцира дека нејзината денешна посета на Бејрут е силно сведоштво за континуираната поддршка на ЕУ за Либан и неговиот народ.

– Ова беше јасна порака на европските лидери на нашиот последен Самит и посветеност на обезбедување силна финансиска поддршка на земјата во справување на значајните предизвици со кои се соочува. Милијардата евра до 2027 година ќе ја обезбедат многу потребна помош за луѓето во Либан и ќе придонесат за неговата безбедност и стабилност, додаде Фон дер Лајен.

Целта на пакетот економска помош е да се поддржи Либан во зајакнување на образованието, социјалната заштита и здравството, за спроведување на итните економски, финансиски и банкарски реформи, како и за поддршка на либанските вооружени и безбедносни сили со опрема и обука за контрола на границите и за борба против трговијата со луѓе и шверцот.

Фон дер Лајен и Христодулидес во Бејрут имаа средби со либанскиот премиер Наџиб Азми Микати и со претседателот на Парламентот, Набих Бери, со кого разговараа за значајните домашни и регионални предизвици со кои се соочува Либан и за тоа како ЕУ може најдобро да ја поддржи земјата и нејзиниот луѓе во справувањето со безбедносните предизвиците и спроведувањето на неопходните реформи.

Посетата на Фон дер Лајен на Либан доаѓа по Специјалниот европски совет од 17 и 18 април, на кој беше потврдена решеноста на ЕУ да ги поддржи најранливите категории граѓани во Либан, вклучително и бегалците и внатрешно раселените лица, како и нивните домаќини. Европските лидери, исто така, ја потврдија и потребата да се создадат услови за безбедно, доброволно и достоинствено враќање на сириските бегалци, согласно одредбите на УНХЦР.

Од 2011 година, поддршката на ЕУ за Либан достигна над три милијарди евра, вклучително и 2,6 милијарди евра за поддршка на сириските бегалци и нивните домаќини во Либан. ЕУ справува дека стотиците илјади сириски беглаци од Либан би можеле да се упатат кон Кипар, во обид да дојдат на територијата на ЕУ.

Најнови вести од Свет

To top