Свет

Фон дер Лајен и Мерц по средбата со Де Вевер: Сите земји од ЕУ мора да сносат истиот ризик од „заемот за репарации“

Загриженоста на Белгија во врска со користењето на замрзнатите руски средства за исплата на „заемот за репарации“ за поддршка на Украина е неоспорна и потребно е споделување на ризикот од овој план, порачаа синоќа во заедничка изјава претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со белгискиот премиер Барт де Вевер во Брисел.

Фон дер Лајен и Мерц по средбата со Де Вевер: Сите земји од ЕУ мора да сносат истиот ризик од „заемот за репарации“

Загриженоста на Белгија во врска со користењето на замрзнатите руски средства за исплата на „заемот за репарации“ за поддршка на Украина е неоспорна и потребно е споделување на ризикот од овој план, порачаа синоќа во заедничка изјава претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со белгискиот премиер Барт де Вевер во Брисел.

– Имавме многу конструктивна размена на мислења за оваа тема. Специфичната загриженост на Белгија во врска со користење на замрзнатите руски средства е неоспорна и мора да се надмиме на таков начин што сите европски држави ќе го сносат истиот ризик, порачаа Фон дер Лајен и Мерц по двочасовната средба.

Без да се посочи дали е постигнат некаков напредок во напорите да се убеди Де Вевер да се согласи на планот, во изјавата се истакнува дека со оглед на моменталната геополитичка ситуација, соговорниците се согласиле оти финансиската поддршка за Украина е клучна за безбедноста на Европа.

– Се согласивме да го продолжиме овој дијалог со цел да постигнеме консензус на Самитот на ЕУ на 18 декември, нагласија Фон дер Лајен и Мерц.

Белгија, каде се наоѓаат најголемиот дел од замрзнатите руски средства, односно речиси 180 милијарди евра, се противи на ваквиот план, тврдејќи дека нивното користење би можело да го наруши нејзиниот углед како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства. Дополнително, Белгија изразува загриженост и околу легалноста на таквата постапка и бара цврсти гаранции од други земји членки на ЕУ дека ќе ја споделат одговорноста доколку некогаш се дојде во ситуацијата искористените пари од сега замрзнатите средства да треба да ѝ се вратат на Русија.

Ставот на Де Вивер во однос на „заемот за репарации“ го поддржа лидерот на најголемата опозициска партија во Белгија, Фламански интерес (ВБ), Том Ван Грикен.

– Во овој случај тој зазема здрава и правилна позиција. Тоа е позицијата што Фламански интерес ја има веќе неколку години, изјави синоќа Ван Грикен во гостувањето во емисијата „Термин во петок“ на државната телевизија ВРТ.

Според Ван Грикен, замрзнувањето на руските средства е „добра работа“, но нивното користење за поддршка на Украина би ги ескалирале состојбите.

– Тогаш ќе има ескалација. Казните и последиците ќе бидат огромни, но и нашата безбедност ќе биде загрозена. Немојте да мислите дека Русија и (рускиот претседател Владимир) Путин ќе дозволат ова да се случи без последици. Мислам дека премиерот го прави вистинскиот избор, истакна Ван Грикен.

Во услови кога Де Вевер не изгледа подготвен на отстапки, Европската комисија на вчерашниот состанок на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) промовирала „план Б“ за обезбедување 165 милијарди евра за покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година, кој предвидува задолжување на ЕУ на пазарите на капитал преку издавање на еврообврзници.

Сепак, според белгискиот портал „Полтико“, ваквата опција пропаднала уште на самиот старт, откако Унгарија била децидна дека нема да го поддржи ваквиот предлог.

To top