Европската комисија претстави мерки за подобро спречување на безбедносните инциденти во кои се вклучени дронови, откако дронови го нарушија воздушниот сообраќај и предизвикаа големи безбедносни стравови, пренесе ДПА.
– Капацитетите за дронови и анти-дронови се централни компоненти во одбраната на Европа и обезбедувањето на критичната инфраструктура, изјави денеска потпретседателката на Европската комисија, Хена Виркунен.
Минатата година беа пријавени бројни забележувања на дронови на европските аеродроми, што често доведуваше до прекин на воздушниот сообраќај. Во септември, неколку дронови наводно лансирани од Русија влегоа во полскиот воздушен простор, од кои некои беа соборени од авиони на НАТО.
– Европа мора да биде способна да ги заштити своите граници и критичните локации со софистициран, повеќеслоен штит кој може да открие и неутрализира секаква закана во реално време, изјави комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус Кубилиус.
Целите на мерките претставени во Европскиот парламент во Стразбур се „подобрување на подготвеноста, зајакнување на капацитетите за откривање, координирање на одговорите и зајакнување на одбранбената подготвеност на ЕУ“, соопшти комисијата.
Ова вклучува употреба на 5Г мобилни мрежи за подобро следење на воздушниот простор, бидејќи мобилните мрежи овозможуваат прецизно следење на летечките објекти во реално време.
Според предлогот, 5Г антените би можеле да се користат и како еден вид радар за примање и евалуација на сигналите што ги рефлектираат дроновите. Заедно со вештачката интелигенција, 5Г мрежите би можеле да ги идентификуваат необичните патеки на летот и да ги алармираат властите.
Мерките треба да ги надополнат воените програми и планови во Европа.