Свет по дебатата по иницијативата на пленарната сесија на ЕП

Европратениците ќе гласаат по иницијативата за недоверба на Европската комисија на Фон дер Лајен

– Урсула фон дер Лајен и нејзината Комисија мора да си заминат, истакна Гал.

Европратениците ќе гласаат по иницијативата за недоверба на Европската комисија на Фон дер Лајен

Европскиот парламент денеска треба да се изјасни по иницијативата на групата Патриоти за Европа (ПФЕ) за изгласување недоверба на Европпската комисија на Урсула фон дер Лајен.

Директен повод за поднесување на иницијативата беше потпишувањето на Договорот за партнерство меѓу ЕУ и Меркосур и на билатералниот Привремен трговски договор минатата сабота во Парагвај.

Гласањето следи по дебатата по иницијативата на пленарната сесија на ЕП што се одржа во понеделникот вечерта.

Образложувајќи ја иницијативата во името на нејзината пратеничка група, унгарската европратеничка Кинга Гал истакна дека Патриотите за Европа и нивните милиони гласачи порачуваат дека е доста од предавството на европските земјоделци и од политиките спротивни на европските интереси, па затоа бараат промена на насоката и ново раководство на ЕУ, кое конечно ќе им служи на луѓето од Европа, а не на Брисел.

– Урсула фон дер Лајен и нејзината Комисија мора да си заминат, истакна Гал.

Таа нагласи дека во последните неколку години Европската комисија презела „низа погрешни чекори, кои го туркаат европското земјоделство во сериозна криза“. Гал посочи дека со договорите меѓу ЕУ и Меркосур, евтини земјоделски производи од Јужна Америка ќе ги преплават европските пазари, создавајќи нелојална конкуренција, без соодветна заштита за европските земјоделци.

– Ова е надополнето со драстичните намалувања на финансирањето од ЕУ за земјоделците во новата Предлог-повеќегодишна финансиска рамка. Тоа ќе ги уништи европските земјоделци – луѓето кои гарантираат дека имаме храна на нашите маси, истакна Гал.

Ова ќе биде четврто гласање за недоверба на Европската комисија од јули минатата година. Претходните три иницијативи не ги добија потребните мнозинства за поддршка од најмалку две третини од пратениците што ќе учествуваат во гласањето, при што бројот на оние што гласале „за“ треба да е поголем од половина од вкупниот број европратеници или во моментов најмалку 360 гласа. Истиот резултат се очекува и при денешното гласање.

Инаку, за разлика од претходните три дебати и гласања по иницијативите за недоверба во Европарламентот на кои присуства речиси сите членови на Еврокомисијата заедно со Фон дер Лајен, на расправата во понеделникот учествуваше само еврокомесарот за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност Марош Шефчович, кој и ги потпиша договорите со Меркосур. (МИА)

To top