Мерките на ЕУ во последните 12 години не придонесоа значително за намалување нивото на емисии на јаглерод диоксид од возилата со мотори со внатрешно согорување, што на Унијата и ја наметнува потребата од фаворизирањето на возила со нулта емисија на штетни гасови доколку сака да ги оствари своите зацртани климатски цели, се оценува во извештај на Европскиот ревизорски суд.
Статистичките податоци покажуваат дека 23 отсто од вкупните емисии на гасови што придонесуваат за ефектот на стаклена градина потекнуваат од возилата, од кои над половина се од автомобилите.
Според европските ревизори, во текот на последната деценија емисиите на гасови од дизел возилата останале непроменети, додека кај автомобилите на бензин тие се намалени за само 4,6 отсто.
– Вистинско и видливо намалување на емисиите на јаглерод диоксид од автомобилите нема да се случи се додека преовладуваат моторите со внатрешно согорување, смета раководителот на ревизорскиот тим што го подготви извештајот Пјетро Русо.
Тој оценува дека за да има видливи резултати во намалување во емисиите треба да се премине не возила на електричен погон, но нагласува дека процесот на „електрификација“ на автомобилите ќе претставува „голем залак“ за ЕУ.
Уделот на електромобили во вкупниот број нови возила во ЕУ се зголеми од околу еден отсто во 2018 на речиси 14 проценти во 2022 година, но ограничувачки фактори за дополнително зголемување на нивниот број, според ревизорите, е тоа што тие се поскапи во споредба со обичните возила, во повеќето земји членки има недоволно развиена инфраструктура за нивно полнење и тоа што има проблеми со достапност до батерии за нив, како резултата на недостигот на критични суровини во ЕУ.
Во извештајот се посочува и дека хибридните автомобили, кои работат и на бензински и на електричен погон и кои автомобилската индустрија ги промовира како чисто еколошко решение, во пракса загадуваат повеќе отколку што се тврди.
– Просечната разлика помеѓу лабораториските и реалните емисии од страна на хибридни возила е околу 250 отсто, се наведува во документот.
Во 2015 година избувна т.н. афера „Дизелгејт“, кога беше утврдено дека одредени производители на автомобили, меѓу кои и германскиот гигант „Фолксваген“, манипулирале со моторите на нивните возила со цел вештачки да ги намалат емисиите на штетни гасови за време на лабораториските тестови. По ова, во 2017 беа воведени построги мерки за тестирањата, но според ревизорскиот извештај, се уште постои разлика во податоците од тестовите и во реалноста.
Во 2022 година, во новите возила се вградуваат броила за потрошувачка на гориво, кои треба да обезбедат попрецизни податоци за емисиите на штетни гасови. Доколку се утврди дека се надминуваат ограничувањата на емисиите на јаглерод диоксид, Европската комисија на производителите на автомобили може да им изрече со парични казни, познати како „премии за прекумерни емисии“.
Во рамки на подготовката на Извештајот, европските ревизори ги посетиле Германија, Италија и Холандија со цел да утврдат дали возилата кои се во сообраќај ги исполнуваат зацртаните стандарди за емисии на јаглерод диоксид и загадување. Тие утврдиле дека во Германија постои висок степен на усогласеност, додека во Италија и Холандија е утврдено дека властите „не извршиле доволно тестови за да се осигураат дека нивоата на емисии на јаглерод диоксид што ги посочиле производителите се точни“.
Ревизорите, исто така, утврдиле и дека Европската комисија нема сознанија за тоа како или дали земјите членки ги спроведуваат ваквите тестови, со што извршното тело на ЕУ „има ограничени податоци врз основа на кои може да предложи подобрувања“.
Дополнително, според ревизорите, тенденцијата за поголема ефикасност на автомобилите резултирала и со раст на нивната просечната тежина, која во периодот меѓу 2011 и 2022 година се зголемила за околу 10 проценти.
– Постојаните подобрувања во технологијата на моторот и воведувањето на хибридни погонски единици ги направија моторите поефикасни, но доведоа до зголемена маса на возилата, се вели во извештајот.
Во Извештајот на Европскиот ревизорски суд на ЕК и се препорачува наместо целта за просечни намалувања на емисиите на јаглерод диоксид да се постави барање за минимален удел на возила со нулта емисија на штетни гасови во вкупниот број возила. Дополнително, според ревизорите, треба да се воведат и ограничувања на реалните емисии на јаглерод диоксид за сите автомобили со мотори со внатрешно согорување, но и за хибридните возила.
Ревизорите, исто така, препорачуваат Комисијата на потрошувачите да им обезбедува информации за реалната потрошувачка на гориво од страна возилата, што, според нив, ќе ги поттикне производителите подобро да ги усогласат лабораториските резултати со емисиите на јаглеродот диоксид при реални услови на возење.
За да може ЕУ да ги исполни своите цели за намалување на емисиите на штетни гасови од возилата, Ревизорскиот суд препорачува Еврокомисијата да бара од земјите членки докази дека ги почитуваат бараните цели за усогласеност со емисиите на штетни гасови. (МИА)