Царините би ги поткопале трансатлантските односи и би ризикувале опасна негативна спирала, но Европа ќе остане обединета, координирана и посветена на зачувување на својот суверенитет, порачаа синоќа првите луѓе на Европскиот совет и на Европската комисија, Антонио Кошта и Урсула фон дер Лајен во заедничка реакција на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини за осум европски земји што се спротивставуваат на неговата намера САД да го преземат Гренланд.
-ЕУ изразува целосна солидарност со Данска и народот на Гренланд. Дијалогот останува од суштинско значење и ние сме посветени на градење на процесот што започна минатата недела помеѓу Кралството Данска и САД, наведуваат Кошта и Фон дер Лајен во заедничката писмена изјава.
Во неа се посочува дека територијалниот интегритет и суверенитет се фундаментални принципи на меѓународното право и тие се од суштинско значење за Европа и за меѓународната заедница во целина.
-Постојано го нагласуваме нашиот заеднички трансатлантски интерес за мир и безбедност на Арктикот, вклучително и преку НАТО. Претходно координираната данска вежба, спроведена со сојузниците, одговара на потребата од зајакнување на безбедноста на Арктикот и не претставува закана за никого, се додава во изјавата.
Трамп вчера најави дека од 1 февруари САД ќе воведат царини од 10 проценти Велика Британија, Германија, Данска, Норвешка, Финска, Франција, Холандија и Шведска, поради нивното противење на американското преземање на Гренланд.
Според Трамп, од 1 јуни овие царини ќе се зголемат на 25 проценти и ќе важат сè додека „не биде постигне договор за купување на Гренланд“. (МИА)