Врз основа на извонредните достигнувања во билатералните односи во сите области во текот на изминатите 35 години, со отворен потенцијал за соработка и цврсто верување во светлата иднина на билатералните односи и со цел да се исполнат аспирациите на народите на Европската Унија и Виетнам, двете страни се согласија да ги надградат билатералните односи на ниво на „сеопфатно стратешко партнерство“.
Ова се наведува во Заедничката изјава издадена по средбите на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта со виетнамските државни и партиски лидери во Ханој, во која се нагласува дека Виетнам и ЕУ ја потврдуваат важноста на партнерството засновано на заеднички интереси и споделени вредности за мир, безбедност и просперитет во меѓународен поредок базиран на правила и на меѓународното право.
– Новото партнерство ќе ги подигне односите на нови височини на билатерално, регионално и мултилатерално ниво. Во рамките на сеопфатното стратешко партнерство, двете страни ќе продолжат да ја продлабочуваат соработката во повеќе области за да постигнат практични резултати, а воедно да придонесат за мир, стабилност, соработка и просперитет во двата региона и во светот, во согласност со постојните договори, се вели во изјавата.
Како клучни области на оваа партнерство се наведени политичката соработка, зајакнување на економските, трговските и инвестициските односи, соработката во мирот, одбраната и безбедноста, научно-технолошката, инклузивната и соработката во одржливиот развој, соработката во земјоделството, сината економија, заштитата на океаните и нивното одржливо користење, заштитата на животната средина и спроведување одржливата енергетска транзиција, зголемена дигиталната и транспортна поврзаност, здравствена заштита и регионалната и мултилатералната соработка, како и обезбедување доброто владеење, владеење на правото заштитата на човековите права и судска, финансиската и трудовата соработка.
По повод подигнување на односите меѓу ЕУ и Виетнам на ова највисоко ниво на сеопфатно стратешко партнерство, Кошта порача дека тоа покажува не само колку двете страни отишле далеку, туку и колку тесно е поврзана нивната иднина сега.
– Тоа ја препознава реалноста на ова партнерство како отпорно, динамично и сè постратешко. Ова е првото сеопфатно стратешко партнерство на ЕУ во Југоисточна Азија. Тоа ја нагласува важноста што ја придаваме на регионот и на растечката улога на Виетнам во него. Исто така, ја одразува нашата решеност да бидеме кредибилен, долгорочен партнер во Индо-пацифичкиот регион, што е ангажиран, принципиелен и присутен, рече Кошта.
Тој нагласи дека и покрај некои различни ставови, вклучително и за човековите права или за руската агресија врз Украина, ЕУ и Виетнам целосно ги поддржуваат мултилатерализмот и Повелбата на ОН, пред сè принципите на независност, територијален интегритет и суверенитет.
– Денес, кога го посетив споменикот на (историскиот виетнамски лидер) Хо Ши Мин, прочитав на ѕидот врежана многу важна порака: „Ништо не е поважно од независноста и слободата“. Затоа во нашата заедничка изјава ја нагласуваме важноста на постигнувањето сеопфатен, праведен и одржлив мир во Украина, рече Кошта.
Според него, ЕУ и Виетнам имаат потенцијал да направат многу повеќе во трговијата, чистата енергија, сината економија, безбедноста и одбраната и во многу други сектори.
– Во момент кога меѓународниот поредок базиран на правила е под закана од повеќе страни, треба да стоиме заедно како сигурни и предвидливи партнери. Станува збор за развој на сфери на заеднички просперитет, но и за кредибилитетот на меѓународните правила. Затоа нашето партнерство е важно и надвор од нашите сопствени региони, истакна Кошта.
Тој нагласи дека партнерството ЕУ-Виетнам, исто така, ја зајакнува способност на двете страни да дејствуваат заедно по прашања што се важни за сите – од отпорни и одржливи синџири на снабдување, до зелените и дигиталните транзиции и од поморската безбедност и регионалната стабилност, до соработката во глобалните институции.
– Денешната одлука, пред сè, е насочена кон иднината. Станува збор за инвестирање во однос кој е отворен, избалансиран и изграден да трае. Гледаме кон иднината со доверба, амбиција и јасно чувство за цел. Во име на Европската Унија, го поздравувам ова ново поглавје во нашите односи со Виетнам, додаде Кошта. (МИА)