Советот на ЕУ денеска усвои Препорака за зајакнување на борбата против формите на рак што може да се спречат со вакцини, со која се бара од земјите членки на Унијата помасовна вакцинација против хуманиот папилома вирус (ХПВ) и вирусот на хепатитис Б (ХБВ).
– Голем дел од случаите на рак може да се спречат. Покрај справувањето со факторите на ризик, како што алкохолот, тутунот и исхраната, вакцинацијата може да игра клучна улога во овој поглед, изјави белгиски вицепремиер и министер за здравство и социјални работи Франк Ванденбрук по повод усвојувањето на Препораката.
Ванденбрук, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, оцени дека Препорака има за цел да се зајакне превенцијата од рак преку зголемување на опфатот со вакцинација, да се подигне свеста кај целните групи и да се засили борба против дезинформациите околу вакцините.
Според извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), како што јави дописникот на МИА од Брисел, околу 40 отсто од случаите на рак се резултат на фактори од околината, како што се инфекциите со онковируси, пред се со ХПВ и ХБВ.
– Вакцинацијата против ХПВ и ХБВ може значително да го намали ризикот од развој на рак предизвикан до овие вируси. Степенот на вакцинација против ХПВ и вирусот на хепатитис Б е различен во земјите членки и на него влијаат прашања, како што се загриженоста за заштитата на личните податоците, родителската согласност, како и дезинформациите поврзани со овие инфекции и вакцини, посочува Советот на ЕУ.
Со Препораката се охрабруваат земјите членки на ЕУ да обезбедат вакцинирање против ХПВ на најмалку 90 отсто од девојчињата до 2030 година, значително зголемување на вакцинацијата на момчињата против овој вирус во истиот период со цел да се намали ризикот од пренесување, вакцинирање на 95 проценти од децата и новороденчиња против ХБВ и обезбедување стапка од 95 отсто на скрининг на бремените жени.
За остварување на овие цели, ЕУ им препорачува на земјите членки да обезбедат бесплатно и лесно достапно вакцинирање против ХПВ и ХБВ, подобра информираност на родителите и младите за полезноста од оваа вакцинација, борба против дезинформациите поврзани со вакцините и интегрирање на имунизацијата против ракот што може да се спречи со вакцини во нивните национални планови за борба против канцерот.