Неколку еколошки групи денека почнаа петиција за да се спротивстават на слабеењето на законите за природата и животната средина во ЕУ.
Светскиот фонд за дива природа (WWF) и други организации ги повикуваат граѓаните ширум Европа да преземат акција против потезите на Европската комисија, за кои велат дека би можеле да ги поткопаат правилата за заштита на животната средина во блокот, пренесе ДПА.
„Европските закони кои ја чуваа нашата природа тивко се демонтираат – под лажното ветување за ’поедноставување‘“, соопштија групите. Петицијата има за цел да ја подигне свеста за она што тие го опишуваат како напади врз законите за заштита на природата и да им даде можност на граѓаните да се слушне нивниот глас.
Брисел тврди дека намалувањето на регулаторниот товар е неопходно за поттикнување на разнишаната европска економија. Европската комисија неодамна предложи измени кои би ги поедноставиле и забрзале еколошките проценки за дозволи и би им дале на компаниите поголема флексибилност во спроведувањето на регулативите.
– Под маската на кратење на бирократијата, децениското докажано еколошко законодавство на Европа системски се демонтира, изјави Ска Келер, шефица за европска политика во WWF Германија.
Таа додаде дека многу земји-членки, особено Германија, ги поттикнуваат овие напори.
Се очекува Комисијата да разгледа дополнителни клучни еколошки директиви во текот на 2026 година.
– Ние се спротивставуваме на ова регулаторно уназадување. Одговорот на денешните еколошки и економски предизвици не е помала, туку поголема заштита на климата и животната средина, рече Келер.