Свет Европска комисија

ЕК препорачува забрана за пушење на јавни игралишта, луна паркови, базени и постојки

Според Комисијата, овие препораки претставуваат уште еден чекор напред во напорите за подобрување на превентивното здравје и кон „денормализација“ на употребата на тутун и никотински производи. 

ЕК препорачува забрана за пушење на јавни игралишта, луна паркови, базени и постојки

Европската комисија усвои препораки за подобра заштита на луѓето во ЕУ, особено на децата и младите, од ефектите на пасивното пушење и аеросолите, преку проширување на реоните на отворено во кои ќе биде забрането пушењето цигари.

Согласно овие препораки до земјите членки на ЕУ, новите „зони без чад“ треба да ги вклучат местата за рекреација на отворено каде што вообичаено се собираат деца, како јавни игралишта, забавни (луна) паркови и базени, потоа реоните околу здравствени и образовни установи и јавни и услужни институции, како и автобуски и железнички постојки и станици.

ЕК препорачува и проширување на опсегот на забрана за користење на електронските цигари и производите од прегорен тутун, врз основа на најновите податоци на Светската здравствена организација (СЗО) за негативните ефекти, меѓу кои се и респираторни и кардиоваскуларни проблеми, од изложеност на емисиите на чад од нив.

За спроведување на овие препораки и за зајакнување на контролата на тутунот и никотинот и на превенцијата од зависности, ЕК ќе обезбеди финансиска поддршка во форма на грантови во износ од 16 милиони евра од програмата „ЕУзаЗдравје“ (EU4Health) и 80 милиони евра од програмата „Хоризонт“. Дополнително, Комисијата ќе подготви и пакет превентивни алатки за поддршка на заштитата на здравјето на децата и младите.

– Имајќи предвид дека здравствената политика е надлежност на земјите членки, ги повикуваме да ги имплементираат овие препораки преку нивните политики, како што сметаат дека е најсоодветно, притоа земајќи ги предвид нивните национални состојби и потреби, се наведува во соопштението на ЕК.

Според Комисијата, овие препораки претставуваат уште еден чекор напред во напорите за подобрување на превентивното здравје и кон „денормализација“ на употребата на тутун и никотински производи.

Со Европскиот план за борба против ракот, поставена е цел за создаде „генерација без тутун“ до 2040 година, односно доведување во состојба пушачи да бидат помалку од пет отсто од вкупното население во ЕУ.  (МИА)

Најнови вести од Свет

To top