ЕК денеска испрати препораки до земјите-членки за засилена соработка меѓу земјите-членки во Шенген зоната, откако беше спроведена официјална консултативна процедура од мај до ноември 2023 година со земјите-членки кои повторно ги воведоа граничните контроли и земјите-членки погодени од таквите контроли.
Една од препораките е дека „земјите-членки треба да применуваат систематски проверки на внатрешните граници само во исклучителни ситуации и да им дадат приоритет на мобилните проверки на државната територија и подобро користење на современите технологии. Тие треба да го ограничат влијанието врз протокот на сообраќај и да обезбедат достапност на прекугранични сообраќајни врски“.
Препораките на Комисијата во осум области промовираат примена на алтернативни мерки наместо контрола на внатрешната граница, како и зголемена соработка и размена на информации доколку таа повторно се воведе.
Комисијата наведува дека Шенген, како област без внатрешни гранични контроли, е основата на слободата на движење за повеќе од 425 милиони граѓани на ЕУ и државјани на трети земји кои живеат во ЕУ или дошле да ја посетат. „Повторното воведување на надзорот на државната граница секогаш мора да биде исклучително, строго временски ограничено и како последна мерка во случај да се утврди сериозна закана за јавниот ред или внатрешната безбедност. Во Шенген зоната мора да се гарантира слободно движење на луѓе, стоки и услуги“, наведува Комисијата.