Европската комисија денеска предложи од Европскиот фонд за приспособување на отпуштените работници кон глобализацијата (ЕГФ) да се одвојат 7,5 милиони евра за да им се помогне на 3.414 лица, кои останаа без работа како последица на затворањето на фабриката на германската автомобилска индустирија „Ауди“ во Брисел.
Лани во февруари „Ауди“ го затвори својот погон во Брисел, каде се произведуваше моделот „Q8 e-tron“, при што беа отпуштени сите 2.580 вработени во фабриката. Како последица на ова затворање и неколку добавувачи на „Ауди“ во Белгија отпуштија 834 работници.
Со предлогот на ЕК се предвидува на поранешните работници на „Ауди“ и на неговите добавувачи да им се помогне да се приспособат на барањата на пазарот на трудот.
За таа цел со предвидените средства ќе се организираат обука за надоградување и за развој на нови работни вештини, како и советодавни услуги за помош на отпуштените работници за иницирање сопствени бизниси.
Ваквиот Предлог на Комисијата сега ќе биде доставен на одобрување од страна на Европскиот парламент, со просто мнозинство, и од страна на Советот на ЕУ, со квалификувано мнозинство.
Од 2007 година, преку ЕГФ им е доделена вкупна помош во износ од 727 милиони евра на над 181.000 лица во 20 земји членки на ЕУ.