Свет

Египет ја отфрли идејата на Израел за раселување на Палестинците надвор од Појасот Газа

-Секој обид да се оправда и поттикне раселувањето на Палестинците надвор од Појасот Газа е целосно отфрлен од Египет, како и меѓународната заедница, рече Самех Шукри.

Египет ја отфрли идејата на Израел за раселување на Палестинците надвор од Појасот Газа

Шефот на египетската дипломатија, Самех Шукри, денеска ги отфрли ставовите на израелскиот министер за финансии Безазел Смотрич за раселувањето на Палестинците надвор од Појасот Газа, велејќи дека ваквите коментари се „израз на политиката на израелската влада која ги крши меѓународните закони.

Шукри зборовите на Смотрич ги нарече дел од серијата „неодговорни изјави на претставници на израелската Влада“.

-Секој обид да се оправда и поттикне раселувањето на Палестинците надвор од Појасот Газа е целосно отфрлен од Египет, како и меѓународната заедница, рече тој.

Претходно денеска Смотрич изјави дека Појасот Газа не може да опстане како независен ентитет и дека за Палестинците би било подобро да заминат во други земји.

Смотрич, лидер на крајнодесничарската верска партија Национална унија – Ткума, го поддржа повикот на двајца членови на израелскиот Кнесет кои во уредничкиот текст во „Волстрит џурнал“ изјавија дека западните земји треба да прифатат семејства од Газа кои сакаат да се преселат таму.

-Ја поздравувам иницијативата за доброволно иселување на Арапите од Газа во земјите ширум светот. Тоа е вистинско хуманитарно решение за жителите на Газа и целиот регион по 75 години миграција, сиромаштија и опасност, рече Смотрич.

Арапските лидери предупредија дека секој нов обид за раселување на Палестинците би бил неприфатлив.

To top