Русија во текот на ноќта изврши нов голем напад со дронови и ракети врз Украина, повторно насочен кон енергетскиот сектор, при што загина најмалку еден цивил, соопштија денеска украинските власти.
Украинската армија информираше дека руските сили лансирале 78 дронови и шест ракети кон неколку региони. Противвоздушната одбрана уништила 66 дронови и четири ракети, според војската.
– Ноќеска непријателот изврши уште еден масовен напад врз украинскиот енергетски сектор, користејќи дронови и ракети, изјави премиерот Денис Шмигал, додавајќи дека меѓу целите биле три трафостаници, вклучително и една во јужната област Миколаив.
Подоцна во текот на утрото, воздухопловните сили соопштија дека регистрирале лансирање на неколку хиперсонични ракети „Кинжал“ кон западниот град Старокостиантинов, каде што се наоѓа важна воздушна база.
Во ракетен напад врз Одеса загина една жена, а десет лица беа повредени при напад со наведувана бомба врз градот Запорожје.
Околу десетина дронови беа соборени над Киев, додека имаше прекин на струја во западниот град Ивано-Франкивск, во централната Полтавска област и во Чернихив на северот на Украина, соопштија регионалните власти.
Руските сили ја нападнаа украинската инфраструктура за снабдување на индустријата за производство на оружје со електрична енергија, потврди денеска руското Министерство за одбрана, а пренесе агенцијата ТАСС.
Москва негира дека напаѓа цивили во Украина, но украинската енергетска инфраструктура ја смета за легитимна воена цел.
Во нападите од март уништени се речиси половина од украинските електроенергетски капацитети.