Двајца Британци, од кои едниот бил помошник на неколку пратеници во Парламентот, се обвинети за шпионирање во корист на Кина, соопшти денеска британското Обвинителство.
Полицијата информираше дека Кристофер Бери (32) и Кристофер Кеш (29) се обвинети за „штетно пренесување на информации на Кина“.
Полицијата тврди дека од крајот на 2021 година до февруари 2023 година, двајцата Британци собирале, снимиле или пренесувале информации што биле „штетни за безбедноста или интересите на државата“ Велика Британија и го прекршиле Законот за службени тајни.
Властите не објавија детали, но Бери наводно е универзитетски предавач во Оксфордшир, а Сандеј Тајмс минатата година објави дека Кеш бил помошник на пратеник кој имал пропусница за целосен пристап до зградите на британскиот парламент. Во написот се посочува дека Кеш соработувал со клучните владејачки конзервативни пратеници, вклучувајќи ја Алиша Кернс, која сега го предводи Комитетот за надворешни работи, и нејзиниот претходник на оваа функција, Том Тугендат, кој сега е министер за безбедност.