Судењето на водачот на босанските Срби Милорад Додик, кој е обвинет за непочитување на одлуките на високиот претставник за Босна и Херцеговина, продолжува утре во Судот на Босна и Херцеговина, а еден од неговите најблиски соработници денеска го повика Додик „да не оди во Сараево од безбедносни причини“.
Министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ, Сташа Кошарац, кој на оваа функција беше назначен од Додик, во објава на Инстаграм напиша дека мисли дека неговиот партиски лидер не треба да се појавува на судските рочишта затоа што неговата безбедност е наводно загрозена во Сараево.
„Не треба да сте експерт во оваа област за да разберете дека неговата безбедност е загрозена со неговото појавување во Судот на Босна и Херцеговина. Сметам дека Додик не треба да се појавува во Сараево, пред се поради континуирани закани, притисоци, уцени и неверојатната количина на говор на омраза и вербално насилство на социјалните мрежи“, напиша Кошарац, кој исто како и Додик е познат по тоа што не се воздржува од груби зборови и навреди на сметка на политичките неистомисленици.