Синдикати, организации за човекови права и левичарски групи вчера маршираа во спомен на жртвите на диктатурата, 50 години по воениот удар во Аргентина.
Десетици илјади луѓе маршираа во центарот на Буенос Аирес до Пласа де Мајо, пред седиштето на владата.
Демонстрантите носеа транспаренти со пораки Nunca más (Никогаш повеќе), како и фотографии од лица што „исчезнале“ по киднапирања за време на воената диктатура. Некои од учесниците извикуваа пароли против владата на ултралибералниот претседател Хавиер Милеј.
Активистите за човекови права проценуваат дека до 30.000 левичарски активисти, синдикалци, студенти и противници на режимот исчезнале за време на владеењето на хунтата од 1976 до 1983 година, а судбината на многумина и натаму е непозната.
Многу политички затвореници биле фрлани живи од авиони на морнарицата над реката Рио дела Плата во таканаречените летови на смртта, а други биле убиени и закопани без обележја.
Активистите сметаат и дека војската предала речиси 500 бебиња и мали деца на противници на режимот на згрижувачки семејства под лажни идентитети. Во последните години идентификувани се многубројни жртви на оваа практика.