Свет Европска комисија

Дел од европските лидери незадоволни од одлуката на Фон дер Лајен да го потпише трговскиот договор со Меркосур

Дипломатски извори, посочуваат дека Фон дер Лајен изградила репутација на некој кој носи еднострани одлуки, ги пречекорува своите овластување и ги занемарува лидерите на ЕУ при донесување решенија за клучни прашања, како на пример санкциите против Русија.

Дел од европските лидери незадоволни од одлуката на Фон дер Лајен да го потпише трговскиот договор со Меркосур

Иако тоа не е дел од официјалниот дневен ред на Самитот на ЕУ што денеска се одржува во Брисел, не е исклучено дел од лидерите да го покренат и прашањето за „едностраните потези“ на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во врска со нејзината одлука да го потпише договорот за слободна трговија меѓу Унијата и јужноамериканската економска заедница Меркосур, потег кој таа го оцени како „историски“.

Дел од земјите членки, пред се Франција, не се согласуваат со договорот, бидејќи сметаат дека тој ќе му нанесе штети на европскиот земјоделски сектор, со тоа што ќе овозможи слободен увоз на евтини земјоделски призводи од Јужна Америка, чии производители не се обврзани на почитување на строгите правила кои важат за земјоделците во ЕУ и им носат дополнителни трошоци.

Европски дипломат, кој побарал анонимност, во изјава за бриселскиот портал „Политико“ вели дека со одлуката за потпишување на договорот со Меркосур, Фон дер Лајен „отишла подалеку од кој било друг претседател на Комисијата досега во толкувањето на нејзините надлежности“.

Францускиот претседател Емануел Макрон жестоко се спротивставува на договорот, стравувајќи дека тој ќе им наштети на земјоделците и ќе го поттикне „гневот против естаблишментот“. Макрон, сепак, нема да учествува на денешниот Самит на ЕУ, бидејќи ќе ја посети француската прекуморска територија во Индискиот Океан, Мејот, која неодамна беше погодена од разурнувачки циклон.

Инаку, ова не е првпат Европската комисија предводена од Фон дер Лајен да носи одлуки со кој не се согласуваат Германија или Франција, како две најголеми земји во ЕУ. Така, претходно ЕК воведе дополнителни царини за увоз на кинески електрични возила, потег на кој се противеше Берлин.

Дипломатски извори, посочуваат дека Фон дер Лајен изградила репутација на некој кој носи еднострани одлуки, ги пречекорува своите овластување и ги занемарува лидерите на ЕУ при донесување решенија за клучни прашања, како на пример санкциите против Русија. Според нив, дополнителни фрустрации во Берлин и Париз предизвикува тоа што Фон дер Лајен успеа да протурка некои решенија и покрај противењето на Германија или Франција.

Според друг европски дипломат и покрај дневниот ред на Самитот, на маргините на собирот и во кулоарите на Советот на ЕУ вистинските дискусии ќе бидат за тоа „да каде може да оди Фон дер Лајен“.

Нејзините поддржувачи сметаат дека таа се однесува онака како што треба да се однесува вистински европски лидер – да ги поддржува европските пред индивидуалните национални интереси.

Сепак, некои европски претставници сметаат дека постојат „црвени линии што не треба да се преминат“. Така неколкумина лидери веќе побарале од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта да ја „прераспредели рамнотежата на моќта“ меѓу Комисијата и земјите членки на ЕУ.

– Раководството на Европскиот совет е во хаос и таа го користи тој во вакуум. Тоа е коцкање што таа е подготвена да го преземе. Но, тоа е ризично коцкање, ако се знае колку договорот со Меркосур е чувствителен за Французите и сега тоа (одлуката на Фон дер Лајен) претставува речиси јавно понижување за нив, посочи европскиот дипломат за „Политико“.

Дипломатски извори додаваат дека ако сака успеси во нејзиниот втор мандат, Фон дер Лајен ќе мора на „својата страна“ да ги држи клучните земји на ЕУ.

Главен предизвик во тој правец ќе биде постигнувањето договор за новата седумгодишна буџетска рамка на ЕУ за од 2028 година, во услови кога ЕК инсистира на зголемени трошоци за одбраната и зелената транзиција, што не наидува на поддршка во сите земји членки на блокот. (МИА)

To top