Чешкиот претседател Петр Павел го искористи своето прво новогодишно обраќање по преземањето на функцијата за да повика на воведување на еврото во Чешка.
– Дојде време да почнеме да преземаме конкретни чекори кои ќе доведат до исполнување на оваа обврска, рече вчера 62-годишниот Павел и додаде дека за централноевропска земја со отворена, извозно ориентирана економија, заедничката валута е „логична иднина“.
Поранешниот началник на Генералштабот на вооружените сили, Павел е на чело на оваа членка на ЕУ и НАТО со околу 10,8 милиони жители од март 2023 година.
Чешката Република има своја валута, круната. Прага вети дека ќе го усвои еврото кога и се приклучи на Европската унија пред речиси 20 години, но не е поставена конкретна временска рамка за тоа.
Либерално-конзервативната влада предводена од премиерот Петр Фиала се уште не успеала да се договори за датумот за воведување на еврото.
Сепак, промената на законот што стапи во сила на крајот на минатата година им овозможува на компаниите кои најголемиот дел од прометот го остваруваат во евра да работат со сметките во таа валута. Според Чешката стопанска комора, многу големи компании и онака веќе си испраќаат фактури во евра.