Бројот на загинати во украинското гранатирање на Белгород во Русија се искачи на седум, а бројот на повредени на 19, изјави шефот на регионот Вјачеслав Гладков.
Гладков на Телеграм напиша дека според последните податоци загинале седум лица, меѓу кои и едногодишно девојче. Тој изјави дека 10 ранети се во болниците во Белгород и дека двајца од нив се во тешка состојба на интензивна нега, додека осум повредени се во средно тешка состојба.
Според Гладков, двајца ранети возрасни и две деца се пренесени во болниците во Москва, а пет лица се испратени дома по укажаната медицинска помош.
„Во гранатирањето беа оштетени и 57 автомобили“, рече Гладков.
Украинските вооружени сили вчера попладне го гранатираа Белгород, а трговскиот центар беше оштетен. Искршено е стакло во блиското училиште, а оштетена е и инфраструктурата на стадионот.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека системи за противвоздушна одбрана синоќа пресретнале и уништиле пет украински беспилотни летала над регионот Белгород и Црното Море.
Белгород се наоѓа на западот на Русија, во близина на границата со Украина. (МИА)