Центарот за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (UKMTO) рано утрово соопшти дека примил извештај за брод погоден во близина на Рас Лафан, главниот комплекс за течен гас на Катар.
До Поморската информативна служба што е во надлежност на британската Кралска морнарица, пристигнала пријава за брод „погоден од непознат проектил“ на околу четири наутички милји (7,5 километри) источно од Рас Лафан.
„Сите членови на екипажот се безбедни и во добра состојба“, се наведува во соопштението од Службата без да се дадат дополнителни детали инцидентот.
Претходно катарските власти соопштија дека истата индустриска зона била цел на „балистички ракети“ од Иран, при што била предизвикана материјална штета и избувнал пожар. Министерството за внатрешни работи подоцна информираше дека сите пожари во зоната Рас Лафан се ставени под контрола.
„Операциите за ладење и обезбедување на објектите се уште се во тек, додека Единицата за експлозиви на Внатрешните безбедносни сили (Лехвија) ги извршува своите задачи за справување со евентуално опасни материјали“, се додава во соопштението.
Рас Лафан зоната била цел на напади и вчера вечерта.
Катар е трета земја во светот според резервите и е еден од водечките извозници на течен природен гас.
Ваквите инфомрации за напади доаѓаат во услови кога растат цените на нафтата и гасот, откако Иран го ограничи поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец што е стратешка рута во глобалната трговија.
Иранската армија по израелско-американските напади одмазнички ракетираше позиции во земјите од Заливот што се сојузници на САД. Во Техеран Катар се смета за премногу близок на САД. Катарските власти вчера ги прогласија воените и безбедносните аташеа на Иранската амбасада и нивниот персонал за непожелни лица и ги протераа од земјата.