И покрај заканите на американскиот претседател Доналд Трамп, клучот за решавање на конфликтот на Блискиот Исток е во рацете на Техеран, изјави денеска Тиери Бретон, поранешен еврокомесар за внатрешен пазар за периодот од 2019 до 2024 година, во првата администрација на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Бретон изјави дека деблокирањето и отворањето на Ормуската Теснина, клучен поморски пат за глобалниот проток на гас и нафта, зависи исклучиво од волјата на иранската Влада, јавува BFM TV.
„Оние кои го држат клучот за решението се Иранците, без разлика дали ни се допаѓа или не. Иранците се организираа и не се сами. Таа земја влезе во асиметрична војна, соочувајќи се со најдобрата армија во светот, и се подготви за тој конфликт“, тврди Бретон.
Според него, и покрај успехот на операцијата за спасување на американскиот пилот кој падна зад американските линии, Тиери Бретон сè уште го гледа Иран во силна позиција.
„Кина испорачува компоненти, знаење, GPS координати. Пентагон почнува да се грижи, воените резерви се намалуваат. Доналд Трамп е под притисок, особено од американските гласачи“, истакна Бретон.
Рокот од 10 дена на американскиот претседател Доналд Трамп за Иран да ја деблокира Ормуската Теснина истекува вечерва, но тој го продолжи рокот за 20 часа и потврди на својата мрежа Truth Social дека новиот рок е вторник во 20:00 часот по источно време.
„Иран преговара за премин низ Хормуз со земји како Филипините, сојузник на САД, со Виетнам и Тајланд. Ормуската Теснина не е затворена за сите. Се прават дипломатски напори во односите со Иран“, забележува Бретон и додава дека е логично бродовите на Американците и нивните сојузници да се блокирани и дека тоа го иритира Доналд Трамп.
„Американскиот претседател се закани дека пеколот ќе владее над Иран ако конфликтот продолжи. Тој би можел да нареди уништување на мостови или електрани, но тоа е злосторство против човештвото“, рече францускиот политичар.