Неколку истражители од Бразилските воздухопловни сили, заедно со колеги од три други земји, работат на анализа на податоците од црната кутија на азербејџанскиот авион кој се урна во Казахстан на 25 декември, предизвикувајќи смрт на 38 лица. Азербејџан тврди дека авионот бил ненамерно соборен од Русија.
Бразилските воздухопловни сили соопштија дека деветмина странски истражители допатувале во центарот за истрага и превенција на авионски несреќи во главниот град Бразилија за да ги анализираат податоците од црната кутија и останатите инструменти. Меѓу нив се тројца истражители од Казахстан, шестмина од Азербејџан и Русија.
Тимот работи на извлекување податоци од записите за летот, како и на снимките од пилотската кабина. Нема одреден рок за објавување на заклучоците, кои ќе ги соопштат казахстанските власти.
„Извлекувањето, обработката и валидацијата на податоците од уредите ќе се извршат во најкраток можен рок“, соопштија бразилските воздухопловни сили.