Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека очекува натамошна ескалација на војната во Украина, оценувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин не сака да преговара.
-Тој повеќе од јасно дава до знаење дека е надвор од дофатот на рационалните аргументи и вредностите на човештвото. И тој сигурно не сака да преговара, изјави Бербок за медиумската група „Функе“.
Шефицата на германската дипломатија оцени дека ќе има незамисливи последици доколку Украина биде поразена во војната.
-Човештвото мора да победи, истакна Бербок, додавајќи дека безбедноста на Европа и меѓународниот поредок ќе бидат загрозени доколку Русија ја победи Украина.
-Поддршката на Украина е наша сопствена гаранција за безбедност, смета Бербок.
Сепак, таа ја отфрли можноста за испраќање европски копнени трупи во Украина.
Според Бербок, целта на Путин е да го уништи постоењето на Украина како независна, слободна земја и да го вовлече НАТО во војна.
-Од самиот почеток јасно ставивме до знаење дека тоа никогаш нема да го дозволиме, рече таа. (МИА)