Вработените во белгиското Министерство за одбрана, вклучително и военото разузнавање, беа погодени од обиди за хакирање преку апликациите „Сигнал“ и „Ватсап“, објавија локалните медиуми. Се наведува дека хакирањето на апликациите би овозможило пристап до содржината на разменетите пораки, податоците за разговорите и директориумот со контакти.
Се забележува дека белгиските безбедносни служби досега се воздржаа од именување на сторителот, но постојат сомневања за руски хакери. Во овој случај, хакерите создадоа впечаток дека корисникот комуницира со чет-бот, на кој му го дале својот код за пристап до апликацијата. Кога овој код се споделува, можно е копија од апликацијата со податоците на засегнатиот корисник да се активира на уред надвор од нивна контрола и на кој би можеле да се видат сите активности извршени во апликацијата.
Министерството ја повика војската да ги користи само средствата за комуникација добиени преку официјални канали за работа. Досега не се пријавени никакви последици од откриениот пробив, а во тек е истрага за да се утврди дали сторителите се поврзани со „странска сила“ или се хакери кои ќе бараат откуп.
Се додава дека слични случаи се откриени и во соседна Холандија меѓу претставници на властите, вклучувајќи воени и цивилни разузнавачки службеници, како и новинари. Се претпоставува дека од некои од нив се украдени податоци.