– Белгија ќе биде подготвена да го потврди својот статус на набљудувач во програмата ФЦАС за неколку недели и да им се придружи на Франција, Германија и Шпанија, изјави Дедондер.
ФЦАС е европска програма за производство на модерни борбени авиони во кој се вклучени француската компанија „Дасо Авиасион“, германската подружница на „Ербас“ и шпанската „Индра Системас“ и е еден од најголемите заеднички проекти во одбранбената индустрија во Европа.
Се очекува првите авиони од програмата на ФЦАС да бидат оперативни во 2040 година и да ги заменат постојните борбени летала од типот „Рафал“ и „Јурофајтер Тајфун“. Договорот за покренување на ФЦАС го потпишаа Германија и Франција во 2017 година, а кон него во 2020-та се приклучи и Шпанија.
Како „земја набљудувач“ во програмата, Белгија и нејзината индустрија нема да учествуваат во донесувањето одлуки, но ќе можат да споделуваат информации со партнерите, што претставува вообичаена практика за време на фазите на истражување и развој, по што следниот чекор би можел да биде нејзино целосно приклучување кон проектот. За учество во програмата, белгиската Влада веќе одвои 1,8 милијарди евра наменети за истражување и развој.
Според Дедондер, од учеството во програмата полза ќе имаат и белгиската авиоиндустрија, но и целата домашна економија.
– Може да учествуваат големи авиоиндустриски компании, но и мали и средни претпријатија, кои произведуваат високотехнолошки компоненти, истакна Дедондер.
Во Белгија свои седишта имаат неколку компании од авиоиндустрискиот сектор, како „Сонака“ и „Оризио“, но и повеќе мали и средни претпријатија кои произведуваат делови и компоненти за авиони. Меѓу останатите, делови произведени во белгиските фабрики се вклопени во транспортните авиони „Ербас А400М“ и американските ловци Ф-16.
Според сегашниот план, авионот ФЦАС од шестата генерација ќе го произведуваат „Дасо“ и „Ербас“, „Индра Системас“ ќе биде задолжена на радарска технологија, а моторот на леталото ќе го изработуваат француската „Сафран“ и германската „МТУ Аеро Енџинс“.