Белгија ќе ја предложи вршителката на должноста министер за надворешни работи Хаџа Лабиб за следен еврокомесар, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на одлуката на партијата Реформско движење (РД).
Претходно денеска беше појаснето дека земјава го пропуштила првичниот рок за поднесување на предлогот. Европската комисија забележа дека овој рок не е правно обврзувачки.
Портпаролот на ЕК претходно денеска одби да прецизира колку кандидати се номинирани од земјите на ЕУ за еврокомесари, дали ќе се обезбеди родова еднаквост и дали нацрт-составот на новата комисија ќе биде претставен пред раководството на Европскиот парламент на 11 септември, како што се очекуваше.
Белгија избираше помеѓу Лабиб и нејзиниот претходен европски комесар Дидие Рејндерс – и двајцата од РД. Веста за денешната одлука доаѓа поради извештаите во европските медиуми дека женските кандидати меѓу предложените еврокомесари се во малцинство, а дека РД е партијата од која треба да биде следниот белгиски еврокомесар поради распределбата на местата во следната сојузна влада. На изборите во јуни, РД остана втора политичка сила и се очекува да учествува во влада предводена од победниците на Новата фламанска алијанса. (МИА)