Белгија денеска го чествува Денот на примирјето, со кој се одбележува годишнината од прекинот на огнот во Првата светска војна на 11 ноември 1918 година и воедно им се оддава почит на милионите загинати во овој четиригодишен конфликт.
Главната свеченост за одбележување на Денот на примирјето во Белгија ќе се одржи пред Менинската порта во градот Ипр, каде се водела една од најжестоките битки на Западниот фронт за време на Војната.
Портата, изградена во 1927 година, е замислена како „споменик на исчезнатите“ и на неа се наведени имињата на околу 54.000 војници од сите делови на тогашната Британска Империја кои загинале во конфликтот, но чии тела никогаш не биле пронајдени или идентификувани.
Во пресрет на Денот на примирјето, вчера во градовите Диксмауде и Де Пан се одржаа комеморации за непознат белгиски војник загинат за време на Првата светска војна, чии останки беа откриени минатата година.
Војникот беше погребан со воени почести на најголемите воени гробишта во Белгија, што се наоѓаат во Де Пан, во присуство белгискиот крал Филип, претставници на Министерството за одбрана, на локалните власти и на повеќе институции, како и на околу 200 граѓани.
– Сеќавањето е важно. Никогаш не смееме да го заборавиме ова. Се сеќаваме на жртвите, но и на бедата што ја донесе војната, изјави на церемонијата Стив Мертенс од Институтот за воено наследство.
Останките беа откриени лани во септември за време на работи за изградба на велосипедска патека на бреговите на реката Исер во Диксмауде, на стотина метри од т.н. „коридор на смртта“, односно комплексот од ровови во тој дел на фронтот. Покрај останките на војникот беа пронајдени и копче од униформа со белгиски лав и оштетен прстен со натпис „1915“ и со ловечки рог, симбол на две белгиски воени единици, што беа искористени за потврдување на неговата националност.
Сепак, антрополошките и ДНК тестовите не овозможија утврдување на идентитетот на загинатиот и затоа тој официјално беше погребан како „непознат војник“.
При разни градежни работи во реоните каде се протегала линијата на фронтот во Првата светска војна во Белгија редовно се откриваат човечки останки, но тоа се претежно на британски, француски или германски војници. Претходно, останки од белгиски војник биле откриени во 2016 година, а пред тоа во 1952-та.
Договорот за примирје е потпишан на 11 ноември 1918 година околу пет часот наутро од страна на претставници на германските и сојузничките сили по неколкудневните преговори што започнале откако Германија претрпела тешки загуби во текот на претходните месеци.
Со Договорот сите завојувани страни се обврзуваат да ги прекинат „непријателствата на Западниот фронт, на копно и во воздух, во рок од шест часа од потпишувањето“, со што прекинот на огнот стапил во сила на „11-от час од 11-от ден во 11-от месец“.
Договорот предвидува и „итно повлекување“ на германските трупи од окупираните територии во Белгија, Франција и Луксембург „во рок од 15 дена по потпишувањето на примирјето“. Дополнително, документот наведува и дека оние германски војници кои нема да ги напуштат тие територии во определениот рок ќе бидат прогласени за воени заробеници.
Во сеќавање на жртвите во Војната се подигнати повеќе споменици ширум Европа, од кои најпознати се Спомениците на незнаениот јунак, со кои им се изразува почит на сите неидентификувани војници убиени за текот на конфликтот.
Во Белгија, Споменикот на незнаениот јунак се наоѓа во подножјето на Конгресниот столб, подигнат во чест на првиот белгиски Устав и на чиј врв се наоѓа статуа на првиот крал на Белгија, Леополд. Вообичаено на Денот на примирјето, кралот Филип и претставници на властите полагаа венци на Споменикот на незнаениот јунак.