На денешниот состанокот на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер), Белгија доставила документ со кој бара да добие „независни и автономни“ гаранции од останатите земји членки од ЕУ во замена за нејзина согласност за користење на замрзнатите руски средства за исплата на т.н. „заем за репарации“ на Украина.
Во документот, во кој увид имал бриселскиот портал „Еурактив“, Белгија наведува дека тие гаранции мора да бидат „независни и автономни, така што ќе останат во сила дури и ако заемот се смета за ништовен“.
Меѓу другите барања на Белгија е и останатите членки на ЕУ да учествуваат во покривањето на евентуалните судски трошоци од постапка што Москва би ја покренала против која било земја од блокот.
Белгија дополнително бара и усвојување на мерки за нејзина заштита од потенцијална одмазда од страна на Москва, како и земјите членки на ЕУ да се обврзат дека нема да склучуваат нови инвестициски договори со Русија.
Кога станува збор за бриселскиот депозитар „Еуроклир“, каде се наоѓаат најголемиот дел од замрзнатите руски средства или околу 185 милијарди евра, Белгија бара оваа клириншка куќа „да не биде одговорна“ за обезбедување на заемот за репарација, а нејзините директорите „да сносат одговорност само во случај на груба небрежност“.
Ваквиот белгиски документ со барања, дипломатски извори го оценуваат како сигнал дека Белгија „навистина се ангажира“ за постигнување договор за ова прашање.
Белгија се спротивставува на идејата за користење на замрзнатите руски средства, тврдејќи дека тоа би можело да го наруши нејзиниот углед како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства, а изразува загриженост и околу легалноста на таквата постапка.
Белгиската Влада дури оцени дека подобро решение за обезбедување на средства за поддршка на Украина би било дополнително задолжување на ЕУ на пазарите на капитал преку издавање на еврообврзници, но таквата идеја нема поддршка од повеќе земји членки, а Унгарија најави и дека ќе стави вето на евентуален таков предлог.