Американскиот претседател Доналд Трамп не се откажува од мировниот процес во Украина и останува длабоко вклучен во него, изјави денеска портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Таа рече дека Трамп во моментов нема закажани телефонски разговори со руските или украинските лидери.
Трилатералните разговори меѓу САД, Русија и Украина ќе продолжат в недела, 1 февруари, во Абу Даби, објави Аксиос, повикувајќи се на изјава на американски функционер.
Најтешката точка за време на разговорите меѓу делегациите на САД, Русија и Украина во Абу Даби во петокот и саботата беше територијалното прашање, а меѓу другото, беше разговарано и за создавањето тампон зона, објавија руски медиуми.
Руските медиуми објавија дека првата средба, одржана во петокот, траела околу четири часа, додека втората средба, одржана во саботата и исто така затворена за јавноста, траела околу три и пол часа.
Според украинските претставници, објавени од „Аксиос“, за време на разговорите во Абу Даби, американските медијатори одржале заеднички состанок со руските и украинските преговарачи, а Русите и Украинците потоа се сретнале директно без присуство на Американците.
Преговарачките тимови, исто така, одржале состанок со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед, кој бил домаќин на разговорите.
Министерството за надворешни работи на ОАЕ соопшти дека разговорите се фокусирале на нерешените прашања во мировниот план на САД за завршување на војната во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно во саботата изјави дека разговорите во Абу Даби биле „конструктивни“ и дека делегациите од трите земји разговарале за можните параметри за завршување на конфликтот.
Зеленски објави дека преговорите за мирно решавање на конфликтот би можеле да продолжат следната недела.
Украинската делегација на разговорите во Абу Даби ја предводеше секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, американската делегација ја вклучуваше специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, советникот на Белата куќа Џаред Кушнер, американскиот секретар на армијата Ден Дрискол и други, додека руската делегација вклучуваше претставници на военото разузнавање и армијата.