Свет ЦИА

Барнс: Прекин на огнот е неопходен за да им се помогне на гладните деца во Газа

Според Политико, изјавата на Барнс е најсилната досега дадена од разузнавач и доаѓаат во време кога администрацијата на Бајден е под зголемен притисок да го принуди Израел да дозволи поголема помош за Газа.

Барнс: Прекин на огнот е неопходен за да им се помогне на гладните деца во Газа

Директорот на американската разузнавачка агенција – ЦИА, Вилијам Барнс, изјави дека е неопходен прекин на огнот за да им се помогне на гладните деца во Газа.

На редовното годишно сослушување пред Сенатот за заканите ширум светот, Барнс кажа дека постигнувањето договор за прекин на огнот и заложниците во Газа е клучно за решавање на големата хуманитарна криза во енклавата, пишува Политико.

-Реалност е дека има деца кои умираат од глад. Тие се неухранети поради тоа што хуманитарната помош не може да стигне до нив. Многу е тешко ефикасно да се дистрибуира хуманитарна помош освен ако немате прекин на огнот, рече Барнс.

Според Политико, изјавата на Барнс е најсилната досега дадена од разузнавач и доаѓаат во време кога администрацијата на Бајден е под зголемен притисок да го принуди Израел да дозволи поголема помош за Газа.

Пред да го поднесе извештајот, Барнс беше на Блискиот Исток каде, наводно, се обидувал да преговара за прекин на огнот. Тој додаде дека страните се обидуваат да постигнат договор за шестнеделен прекин на огнот во Газа што ќе овозможи ослободување на 40 заложници, како и на палестинските затвореници кои се држат во Израел.

На прашањето на сенаторот Том Котон дали верува дека Израел го „истребува палестинскиот народ“, Барнс кажа дека ја разбира „потребата на Израел да одговори“ на нападот на Хамас.

-Но, мислам дека сите ние исто така треба да ја имаме на ум огромната жртва на невините цивили во Газа, кажа директорот на ЦИА.

Пред Барнс, извештајот го презентираа директорката на националното разузнавање, Аврил Хејнс, како и директорот на ФБИ, Крис Вреј. На сослушувањето, претставниците на разузнавачката заедница го повикаа Конгресот да одобри дополнително финансирање за Украина и покренаа обвинувања дека Кина, Русија и Иран користат вештачка интелигенција за да се мешаат во изборите во САД.  (МИА)

To top