Американскиот претседател Џозеф Бајден рече дека има намера да остане ангажиран во партиската политика кога ќе ја напушти функцијата на 20 јануари и очекува потпретседателката Камала Харис да остане централна фигура во иднината на партијата.
Харис рече и дека наскоро ќе почне сериозно да размислува за својата иднина и дали повторно да се кандидира за Белата куќа.
Бајден и Харис приредија вечера за донаторите на претседателската кампања, им се заблагодарија за рекордните донации и ги повикаа да не губат надеж и да останат политички ангажирани.
Тие се обидоа да ги соберат клучните донатори кои беа потребни на Демократската партија на празничниот прием на Демократскиот национален комитет.
„Паднавме, но татко ми велеше дека кога ќе те соборат, се што треба да направиш е да станеш. Никогаш не можевме да направиме толку многу како што направивме без вас. Не само што придонесовте во кампањата, туку направивте нешто, мислам, уште поважно. Бевте подготвени да ги позајмите вашите имиња, вашата репутација, вашиот карактер на тој напор“, рече Бајден.
Харис ги пофали донаторите за нивното време и пари и ги повика да ги поддржат демократите во кои веруваат.
Демократите собраа околу 2,9 милијарди долари за време на кампањата, додека републиканците собраа околу 1,8 милијарди долари. (МИА)