Свет Итен прекин

Бајден и емирот на Катар разговараа за Газа и ослободување на заложниците

Катарската влада претходно соопшти дека Ал Тани во разговор со Бајден ја нагласил потребата од итен прекин на огнот во Газа и трајно отворање на преминот Рафа во Египет.

Американскиот претседател Џо Бајден разговараше синоќа со катарскиот емир шеикот Тамим бин Хамад ал Тани за случувањата во Газа и „итни напори кои се во тек“ за да се обезбеди ослободување на заложниците кои ги држи милитантната група Хамас, соопшти Белата куќа.

Бајден „недвосмислено“ го осуди држењето заложници од страна на Хамас, се вели во соопштението на Белата куќа. „Двајцата лидери се согласија дека сите заложници мора да бидат ослободени без дополнително одлагање“, се вели во соопштението.

Борците на Хамас ја преминаа границата од Газа во Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зедоа повеќе од 200 заложници, според израелските власти. До денес ослободени се само четворица заложници. Во израелското бомбардирање на Газа оттогаш загинаа повеќе од 11.000 Палестинци, од кои околу 40 отсто се деца, објавија здравствените власти на територијата под контрола на Хамас.

Катар, кој е дом на неколку политички лидери на Хамас, го предводел посредувањето меѓу Хамас и израелските претставници за заложниците. Советникот на Бајден за национална безбедност, Џејк Саливан, претходно во неделата изјави за Си-Ен-Ен дека „активни, интензивни преговори“ со Израел, Катар, Египет и САД се во тек за ослободување на уште заложници.

Американскиот функционер рече и дека Брет Мекгурк, вишиот советник на Бајден за Блискиот Исток, во вторник ќе го посети Израел и ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а планирани се дополнителни посети во Брисел, Саудиска Арабија, Јордан и Катар.

Катарската влада претходно соопшти дека Ал Тани во разговор со Бајден ја нагласил потребата од итен прекин на огнот во Газа и трајно отворање на преминот Рафа во Египет.

Вашингтон ги отфрли повиците на арапските лидери и други да инсистираат Израел да го прекине нападот врз Појасот Газа што е под контрола на Хамас.

Во соопштението на Белата куќа не се споменува никаква дискусија за прекинот на огнот, но се вели дека лидерите разговарале за потребата „да се заштитат невините цивили и тековните напори за зголемување на протокот на хуманитарна помош во Газа“.  (МИА)

To top