Асиф Али Зардари (68) денеска по втор пат беше избран за претседател на Пакистан, што во голема мера е протоколарна функција што ја извршуваше од 2008 до 2013 година.
Зардари доби 411 гласови во гласањето на изборниот колегиум, кој го сочинуваат пратеници од двата дома на парламентот и четири покраински собранија, додека кандидатот на опозицијата доби 181.
Пакистанската народна партија (ППП), која новиот шеф на државата ја предводи заедно со неговиот син Билавал Буто Зардари, склучи коалициски договор со историскиот ривал Пакистанската муслиманска лига (ПМЛ-Н) на Шехбаз Шариф.
Според тој договор, Шехбаз Шариф беше избран за премиер на 3 март, а функцијата шеф на државата му беше ветена на Зардари. (МИА)