Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи предупреди, во телефонски разговор со својот руски колега Сергеј Лавров, дека усвојувањето на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации во врска со Ормуската Теснина само по себе ќе стане дел од проблемот.
Арагчи ги осуди потезите на САД и некои земји во Советот за безбедност на ОН за вршење притисок врз Иран, нагласувајќи дека „секоја провокативна акција од страна на агресорите и нивните поддржувачи, вклучително и во Советот за безбедност на ОН, во врска со ситуацијата во Ормуската Теснина само ќе ја комплицира ситуацијата“, објавија денеска иранските медиуми.
Тој нагласи дека усвојувањето на резолуцијата на Советот за безбедност во врска со Ормуската Теснина не само што нема да реши никаков проблем, туку ќе стане и дел од проблемот.
Медиумите денеска објавија дека Советот за безбедност на ОН треба да гласа за нацрт-резолуција со која се повикува на употреба на сила за заштита на Ормуската Теснина, а Ал џазира објави дека гласањето првично било закажано за денеска, но е одложено за утре.
Арагчи вчера разговараше со Лавров за најновите регионални и меѓународни случувања во светлината на она што го нарече „континуирана агресија од страна на САД и ционистичкиот режим“.
Нагласувајќи го правото на Исламска Република Иран легитимно да го брани својот суверенитет, национална безбедност и територијален интегритет, Арагчи остро ги осуди агресивните напади врз инфраструктурата на земјата, вклучувајќи ги универзитетите, мостовите и научните центри.
Укажувајќи на „наметнатата несигурност“ во Ормуската Теснина, Арагчи рече дека ова е резултат на воената агресија од страна на САД и Израел против Иран.
„Во моментов, сообраќајот на бродови од земји кои не се вклучени во воената агресија против Иран се воспоставува преку Ормуската Теснина со координација на вооружените сили на Исламската Република“, рече иранскиот министер за надворешни работи.
Тој, исто така, ги осуди нападите на САД и Израел врз културните места, вклучувајќи ја и Православната црква во Техеран, нарекувајќи ги овие дејствија јасно кршење на меѓународните прописи и нагласувајќи ја потребата од јасен и решителен одговор од сите земји и меѓународни организации, особено УНЕСКО, против овие кривични дела.
Рускиот министер за надворешни работи, повторувајќи го ставот на неговата земја во осудата на продолжувањето на воената агресија против Иран, го информираше својот ирански колега за тековните контакти и консултации на Москва со земјите во регионот за намалување на тензиите.
Лавров ја нагласи потребата сите страни да се вратат на патот на дипломатијата и политичкото решение на кризата и најави дека Русија ќе презентира иницијативи и предлози за намалување на тензиите и управување со кризата во регионот.
Министрите за надворешни работи на Иран и Русија, исто така, се согласија да продолжат со консултациите и координацијата на билатерално, регионално и меѓународно ниво.