Белгиската полиција уапси четири лица осомничени дека планирале да нападнат концертна сала во Брисел за неколку недели, соопшти денеска федералното обвинителство.
Меѓу уапсените има тројца малолетници и еден возрасен кој е обвинет за „учество во активности на терористичка организација“.
Белгија во последните години беше цел на екстремистички напади, од кои последниот беше во октомври, кога во Брисел беа убиени двајца шведски фудбалски навивачи.
Во 2016 година, 32 лица беа убиени во екстремистички напади на бриселскиот аеродром и метро станица, а минатата година поротата прогласи шест лица за виновни за тоа терористичко убиство, кое беше дел од бранот напади во Европа поврзани со групата Исламска држава.
Меѓу осудените е и Салах Абдеслам, кој веќе отслужува доживотна казна затвор во Франција за учество во нападите врз кафулињата во Париз, музичката сала Батаклан и стадионот во 2015 година. И тие напади беа поврзани со истата екстремистичка група Исламска држава.