Рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, денеска изјави дека дискусијата за можноста Вашингтон да му дозволи на Киев да користи американски ракети за да ја нападне руската територија, ја турка Украина да ги засилува своите напади врз цивилите, а САД со таквите акции го отвора патот за почетокот на трета светска војна.
„Американската администрација упорно ги игнорира интересите на Русија. Денес се повеќе се зборува за можноста за гранатирање на руска територија со оружје со долг дострел. Само неколку политичари ја споменуваат можноста за трета светска војна, за која овдешните власти го трасираат патот“, наведе Антонов во пораката на руската дипломатска мисија во САД.
Амбасадорот нагласи дека САД сè повеќе учествуваат во конфликтот во Украина, „прогресивно навлекувајќи се се’ подлабоко во мочуриштето“ на овие непријателства.
Антонов оцени дека САД изразуваат „подготвеност да ја жртвуваат благосостојбата на американските граѓани“ со пренесување на оружје и муниција во Киев во вредност од неколку милијарди долари.
„Киев е фокусиран на интензивирање на нападите врз обичните Руси, нашите градови и села. Никој веќе не крие, дури и на највисоко ниво во Белата куќа, дека разузнавачките информации течеле и продолжуваат да течат како река од САД до Киев“, рече дипломатот, пренесуваат руските медиуми.
Освен тоа, продолжи Антонов, едноставно се премолчуваат предупредувањата на бројни американски воени и политички експерти дека е невозможно украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги постигне своите цели со помош на балистички ракети ATACMS или друго оружје со долг дострел. (МИА)