Свет Сирија

Ал-Шара: Преговорите за безбедносен договор со Израел се во тек

– Преговорите сè уште не се завршени, додаде Ал-Шара, кој ја презеде власта по соборувањето на Ал-Асад.

Ал-Шара: Преговорите за безбедносен договор со Израел се во тек

Привремениот претседател на Сирија, Ахмед Ал-Шара ги потврди преговорите за постигнување безбедносен договор меѓу неговата земја и Израел, кој постојано го напаѓа својот сосед, уништен од војна, по соборувањето на долгогодишниот сириски владетел Башар Ал-Асад во декември.

Израел и Сирија, кои официјално се во војна од 1948 година, постигнаа пакт за раздвојување во 1974 година. Договорот, првично постигнат по војната од 1973 година, воспостави тампон-зона на Голанската Висорамнина под надзор на ОН за да ги раздвои израелските и сириските сили.

– Со падот на режимот, Израел сметаше дека Сирија се повлече од договорот од 1974 година, иако Сирија од првиот момент покажа посветеност кон него, рече Ал-Шара во телевизиско интервју емитувано синоќа.

– Во моментов се водат преговори за безбедносен договор за да се врати Израел на неговата позиција пред 8 декември, изјави тој за сириската државна телевизија Ал-Екбарија, мислејќи на денот кога беше соборен Ал-Асад.

– Преговорите сè уште не се завршени, додаде Ал-Шара, кој ја презеде власта по соборувањето на Ал-Асад.

Минатиот месец, Израел и Сирија одржаа директни разговори во Париз со посредство на САД.

Голанската Висорамнина, окупирана од Израел во 1967 година и анектирана во 1981 година, е централна точка на несогласување. Анексијата не е меѓународно призната.

Израел распореди дополнителни војници во областа по падот на Ал-Асад и оттогаш ги засили воздушните напади во Сирија, велејќи дека тие имаат за цел да спречат оружјето на Сирија да падне во рацете на екстремистите.

Израел, исто така, бомбардираше области во јужна Сирија и во главниот град Дамаск со намера да ги заштити Друзите, откако избувна смртоносно насилство во сириската провинција Суеида, упориште на оваа верска малцинска заедница. (МИА)

To top