Советничката на ОН за спречување на геноцид, Алис Ваириму Ндериту оцени дека со Резолуцијата на ОН за Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, Генералното собрание на ОН застанало покрај жртвите на геноцидот.
„Тоа покажува дека Генералното собрание застана покрај жртвите на злосторството геноцид за кое судот пресуди. Исто така, мислам дека е од клучно значење да им се оддаде почит на жртвите и да се осигураме дека тие нема да бидат заборавени – како дел од напорите да им се овозможи правда “, рече Ндериту за Гласот на Америка (ВоА).
Таа оцени дека тоа ќе овозможи на глобално ниво да се размислува, дискутира и учи од минатото, за да не се повтори нешто слично.
„Злосторствата извршени во Сребреница се недвосмислено докажани пред меѓународните судови. Сепак, постои моментален загрижувачки тренд во регионот кој опфаќа негирање дека е извршен геноцид, вклучително и глорификација на воените злосторници. Ова е многу нездрава и опасна практика“, таа Ндериту.
Според неа, „вистински шампиони“ на сето ова биле жртвите и преживеаните – чии гласови се слушнале.
„Тие се спротивставија на негирањето на геноцидот и упорно сведочеа за тоа. Во борбата против негирањето беше важно што ја имаа поддршката од ОН. Таа посебна чест им ја оддавам на ‘Мајките од Сребреница’“, рече Ндериту.
Таа оцени дека ставот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и на претставниците на српските власти, дека резолуцијата за Сребреница го инкриминира српскиот народ или го означува како геноциден е „апсолутно неточен“.
„Овој тип на колективно етикетирање на целата нација е апсолутно неточен… Многу луѓе од Балканот беа судени за злосторства. И тоа не беа само Србите, туку и луѓето од другите националности во регионот“, рече таа.
“Никој не ја спомна Србија. Сепак, ни претстои многу работа – пред неколку недели добив видео од млади луѓе во Србија кои велат дека сакаат да се ослободат од воените наративи. За време на мојата посета на Босна и Херцеговина истото ми беше кажано. Треба да продолжиме да разговараме и да не ја затвораме вратата. Треба да продолжиме да разговараме со претседателот на Србија – со кого се сретнав во Њујорк пред неколку недели. Исто така, треба да разговараме и со претседавачот на Претседателството во БиХ. Треба да сфатиме зошто Србија се чувствува погодена од оваа резолуција“, рече таа.