Скопје в четврток во 12 часот

Зоо Скопје организира прослава за првиот роденден на гибонот Мики – Од отфрлено младенче до здраво и разиграно мајмунче

Преку прославата, како што посочуваат, сакаат да ја споделат неговата инспиративна приказна со јавноста, но и да потсетат оти гибоните се загрозен вид, кој има потреба од заштита.

Зоо Скопје организира прослава за првиот роденден на гибонот Мики  – Од отфрлено младенче до здраво и разиграно мајмунче

Посебна и емотивна прослава, прв роденден на малиот гибон Мики во скопската Зоолошка градина – најавија денеска од установата на „Фејсбук“.

– Приказна што почна тешко, но заврши со надеж, љубов и среќен крај. Мики како бебе, на возраст од неколку месеци, беше отфрлен од мајката и се соочи со сериозни повреди на главата и епилептични напади. Во овие најкритични моменти неговиот живот зависеше од човечка грижа, посветеност и борба. Нашата зоонегувателка Зера 24 часа дневно беше покрај него, со мала помош од колешките дадилки, без ниту еден момент да остане сам. Со многу љубов, трпение и стручна грижа, Мики денес е здраво, активно и разиграно младо гибонче – пишува во објавата.

Преку прославата, како што посочуваат, сакаат да ја споделат неговата инспиративна приказна со јавноста, но и да потсетат оти гибоните се загрозен вид, кој има потреба од заштита.

– Истовремено, сакаме јасно да укажеме дека мајмуните не се домашни миленици, а човечката грижа во случајот на Мики беше единствена шанса за негов опстанок. Овој настан е и можност да им оддадеме искрено признание и благодарност на сите што беа дел од неговото спасување, но најмногу на нашата колешка Зера за нејзината неверојатна пожртвуваност, како и на целиот тим, кој учествуваше во неговото лекување, рехабилитација, социјализација и секојдневна грижа – се додава во објавата.

Зоо Скопје

Зоолошката градина ги повикува заинтересираните да го запознаат Мики, кој сега бил успешно ресоцијализиран и живее заедно со својата сестра Делфина.

– Се гледаме кај летниковецот пред мајмунарницата в четврток во 12 часот – порачаа од Зоолошката.

To top