„Заедно за чиста околина” е насловен проектот кој денес граѓаните го одбраа за реализација на четвртата форумска сесија од проектот „Зајакнување на општинските совети”-фаза 2 кој го спроведува УНДП во партнерство со општина Кисела Вода.
Мнозинството од присутните граѓани, гласаше за набавка на опрема за чистење на јавните површини на територија на општината, проект кој произлезе од нив на претходните три сесии и ги остави зад себе другите два проекта, набавка на корпи за отпадоци и поставување на спортска урбана опрема долж трим патеката и проектот за раззеленување на јавните површини.
На денешниот настан најпрво се презентираа трите потенцијални проекти. Од идеја, преку концепт, до реален проект, тие беа оформени од граѓаните кои одговорија на јавниот повик на Општина Кисела Вода за учество во сесиите и избор на финален проект кој ќе се реализира со финансиски средства обезбедени преку Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа.
Со масовно учество најпрво како најприоритетна се дефинираше темата животна средина, потоа беа креирани проектни концепти кои прераснаа во проекти, од кои работните групи ги дефинираа трите најзначајни. Едновремено, на градоначалникот Ѓорѓиевски му се доставени и другите идеи и препораки од граѓаните. Денешното гласање и избор на проектот “Заедно за чиста околина”, е уште една потврда за транспарентното работење на Општина Кисела Вода, со директна вклученост на граѓаните.
За набавка на опрема за чистење на јавните површини на територија на општината, преку овој проект на УНДП во партнерство со Општина Кисела Вода ќе се обезбедат 4 милиони денари од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа.