Реконструкцијата на Универзална сала остана само лажно ветување, повторено безброј пати. Но, оваа неколку пати кажана лага, никако да стане вистина, како во народната поговорка.
Сликата од разрушениот објект кој создава болка, но и револт кај скопјани, само го буди спомените за локацијата каде некогаш се случуваа најубавите фестивали и концерти.
Меѓу помпезните најави дека се реконструира и до исполнување на ветеното, се сменија само ликовите кои не ја говорат вистината, а на лице место, на терен, не се промени апсолутно ништо.
Екс-градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, иако свесен дека ниту еден потпорен ѕид не е изграден, си играше со датуми и прогнози, па во 2021-ва година вети дека реконструкцијата на Универзална сала ќе заврши во 2022-ра година.
-Реконструкцијата на објектот на Универзална е во тек и веќе од следната година ќе се исправи пред нас во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје. Проектот за реконструкцијата на Универзална сала е изработен од архитектот Бујар Муча, а идејата Универзална да ја сочуваме во постојната форма, на постојната локација, после отворената и опсежна дебата доби широка поддршка од јавноста, рече Шилегов на 14-ти октомври 2021-ва година.
Ветувањето му траеше колку и увидот кој го направи тој ден.
Три дена подоцна во Македонија се одржаа локални избори, кои Шилегов ги загуби. По него градоначалник на Скопје стана Данела Арсовска. Таа за реконструкцијата на Универзална сала не покажа ни интерес, ни способност, па цели две години од нејзиниот мандат среде центарот на Скопје, наместо реконструкција на сала, гледавме лимени тараби.
На 18-ти септември 2023-та година, Владата ги презеде ингеренциите за Универзалната сала. Со оваа одлука правото за реконструкција, доградба и надградба на салата се пренесува на Министерството за култура, а откако ќе биде направена повторно ќе се врати во надлежност на Град Скопје.
Во првата фаза е предвидено да биде реконструирана надворешноста на салата, а во втората фаза треба да се реновира нејзината внатрешност. Минатиот месец беше најавено, по коујзнае кој пат, дека Универзална сала се реконструира и дека нов лик ќе добие во 2026-та година.
КУРИР денес направи фотографии од зад лимените тараби. Рушевините кои буквално се недопрени за реконструкција се сведок на немилата “судбина“ на Универзалната сала. Две машини и двајца работници се единственото нешто кое го затекнавме таму.
Универзална сала е затворена повеќе од 8 години.