Скопје

Во завршна фаза реконструкцијата на грaдинката „Синоличка” која 50 години чекаше реконструкција

Во завршна фаза реконструкцијата на грaдинката „Синоличка” која 50 години чекаше реконструкција

Во завршна фаза се реконструктивните зафати кои месецов се одвиваат во градинката “Синоличка” во населбата 11 Октомври Згради. Со градежни активности е опфатен цел крак од објектот кој опфаќа пет занимални и ходници, поставено е ново штедливо лед осветлување, како и нова ограда. Градоначалникот Ѓорѓиевски денес ја посети оваа градинка каде секојдневно се згрижени 307 деца, а во која немаше посериозна реконструкција преку 50 години.

-Денес на мое големо задоволство имам можност да видам како напредува работата во објектот “Синоличка” при ЈДГ “Весели Цветови”, кој на реновирање чекаше повеќе од половина век. Еден цел крак во кој има дури пет занимални и ходници, е зафатен со сериозни инфраструктурни зафати. Поставивме и ново лед осветлување, а целата градинка доби нова ограда што значи подобра безбедност и зголемена естетика. Овој проект е уште еден чекор напред во нашата цел, да создадеме услови за оптимален физички, емоционален и когнитивен развој на децата, кои се иднината и основата на секое успешно општество. Оттука, инвестициите во овој сектор ќе продолжат со зголемена динамика во новата година. Покрај реконструкцијата на објектот во кој сме денес, ќе биде завршена и реконструкцијата и проширувањето на градинката ,,Пеперутка 1” во Драчево, во дворот на објектот ,,Кокиче” чиј капацитет го проширивме за уште 90 дечиња, ќе изградиме нов објект ,,Верверичка”, а сосема нова градинка ќе изградиме и во Расадник.

Новоотворените градинки и проширените капацитети на повеќето објекти, инвестирањето во нивното опремување, кое за овие две години надмина 17 милиони денари, говорат за нашата посветена работа и намерата во целост да го исполниме ветувањето-во Општина Кисела Вода да нема листи за чекање за упис, а децата да имаат модерни и современи услови за престој во сите наши градинки-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

To top