Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во завршните градежни активности за изградба на нова централна кујна во рамки на детската градинка „Гоце Делчев“, објект кој наскоро ќе биде целосно ставен во функција.
Станува збор за современ простор со вкупна површина од 300 м² на две нивоа. На долниот кат, ќе се наоѓа кујната, којашто ќе има капацитет за подготовка на повеќе од 600 оброци дневно, додека горното ниво ќе се користи како магацински простор. Покрај потребите на детската градинка, со пуштање во употреба на оваа централна кујна ќе се обезбедуваат оброци и за основните училишта во општината кои имаат продолжен дневен престој.
Со реализацијата на овој проект се создаваат услови и за проширување на капацитетот на градинката, бидејќи постојната кујна ќе биде пренаменета во две нови занимални. На тој начин ќе се овозможи згрижување на дополнителни 50 деца, со што вкупниот капацитет на градинката ќе достигне 650 дечиња.
Изградбата на новата централна кујна е дел од пошироката стратегија на Општина Илинден за унапредување на раниот детски развој и подобрување на условите за воспитно-образовна дејност. Во изминатиот период, општината реализираше низа значајни проекти во градинката „Гоце Делчев“, меѓу кои доградба на градинката во вкупна површина од 300 м², реконструкција на кровната конструкција, целосно уредување на дворното и хортикултурното опкружување со нови детски реквизити, како и набавка на современа опрема.
Општина Илинден и во иднина ќе продолжи со имплементација на проекти кои обезбедуваат долгорочен и конкретен придонес во развојот на образованието, здравството, социјалната заштита и инфраструктурата, во интерес на сите граѓани.