Општина Илинден продолжува со континуирани инвестиции во подобрување на условите за образование, ставајќи ги децата и нивниот развој во фокусот на локалната политика. Како општина со постојан демографски пораст, локалната самоуправа активно вложува во создавање современа и квалитетна едукативно-образовна средина за учениците од сите населени места.
Градоначалникот Александар Георгиевски изврши обиколка на централното општинско основно училиште во н.м. Миладиновци, како и на подрачните училишта на ООУ „Браќа Миладиновци“, при што направи увид во реализираните активности. Тој истакна дека сите ученици заслужуваат еднакви, модерни и современи услови за образование, нагласувајќи дека Општината и понатаму ќе продолжи со вложувања во унапредување на образовниот процес за сите дечиња.
Во централното училиште во Миладиновци целосно е опремен кабинетот по информатика со 18 нови персонални компјутери, како и 4 лаптопи за наставниот кадар. Дополнително, опремена е училница за првачиња со 27 нови клупи и столчиња, а набавени се и три клима-инвертери, со што сите училници во училиштето се целосно климатизирани. За збогатување на библиотечниот фонд обезбедени се 270 лектири и 55 книги за читателскиот клуб по англиски јазик, како и музички инструмент – синтисајзер, за потребите на наставата по музичко образование. Во насока на подобрување на тековното одржување, набавени се косилка на бензин, дувалка за лисја и работни униформи за техничкиот персонал.
Во подрачното училиште во Мршевци реализирана е реконструкција на тоалетите, отворен е нов влез од внатрешниот дел на објектот и извршена е замена на старите метални врати со нови ПВЦ врати.
Во подрачното училиште во Текија целосно се заменети клупите и столчињата, со што значително се подобрија условите за учениците.
Со овие активности, Општина Илинден уште еднаш ја потврдува својата заложба за создавање квалитетни, безбедни и современи услови за образование на сите деца, во сите населени места на општината.